Одбележани 80 години од загинувањето на народниот херој Христијан Тодоровски Карпош
Во спомен и почит кон делото на легендарниот командант од НОБ, Христијан Тодоровски Карпош, Здружението на армиски и полициски ветерани од активен и резервен состав – ЗАПВАРС Куманово, традиционално ја одбележа годишнината од неговото загинување, кон крајот на Втората светска војна (7 февруари 1944 година, во месноста Билјача, Србија).
На денешната свечена академија, која се одржа во клубот на Здружението, беше прикажан документарен филм (продукција на ЗАПВАРС) за ликот и делото на народниот херој, проткаен со стихови во изведба на ученици од ООУ “Христијан Карпош” – Куманово.
Пред присутните граѓани, поздравни говори во чест на козјачкиот водач и патриот, одржаа организаторите на манифестацијата и претставник од општинската администрација, Александар Крстевски.