Конкурс за избор на сувенир на Општина Куманово за 2019
Врз основа на Програмата за локален економски развој на Општина Куманово за 2018 година, бр.09-1365/9 од 27.02.2018 година, службен гласник на Општина Куманово бр. 5/18,Општина Куманово објавува:
КОНКУРС
ЗА ИЗБОР НА СУВЕНИР НА ОПШТИНА КУМАНОВО
За таа цел, општина Куманово ги поканува сите заинтересирани правни и физички лица, кои ги познаваат одликите на градот и околината, со своите автентични трудови да придонесат кон креирањето на производ кој ќе го отсликува карактерот на градот, во насока на зголемена промоција.
Kритериумите за учество се следни:
- Сувенирот мора да ги содржи елементите на препознатливност и да ја отсликува традицијата и културно-историските, духовни, материјални и природни богатства на градот Куманово;
- Сувенирот мора да биде прилагоден за изработка во поголеми количини и наменет за туристичка промоција на градот;
- Сувенирот треба да биде изработен од материјал, големина и боја според замислата на авторот. За изработка на сувенирот можат да се користат стабилни и еколошки прифатливи материјали како што се: керамика, камен, метал, дрво, стакло, глина, гипс, текстил и други;
- Идејната концепција, развојот и начинот на изработка на сувенирот, техничките услови за изработка и материјалот од кој е изработен треба да бидат текстуално образложени;
- Краен рок за доставување на трудовите е 10 Декември (петок) 2018 до 15:00 часот;
- Наградата за “Сувенир на Општина Куманово” е една и изнесува 30.000,00 денари без ДДВ;
- Добитникот на наградата во меѓусебен потпишан договор со Општина Куманово, зависно од проценетата вредност на трудот, должен е да достави одредена количина на сувенирот на Општина Куманово;
- Изработениот сувенир заедно со текстуално образложение на идејната концепција, опис на материјалот од кој е изработен сувенирот и проценета вредност за еден примерок од трудот во денари без ДДВ, треба да се достави во затворен плик (кутија) на адреса: Општина Куманово, 11 Октомври бб, со назнака “Конкурс за избор на сувенир на Општина Куманово” и со назнака во горниот лев агол- “НЕ ОТВАРАЈ”. Во посебен плик приложен со трудот со назнака “АВТОР”, се доставува пријава со податоците за авторот. Пријавата треба да содржи: податоци за авторот-име и презиме и адреса, телефон, е-маил и потпис со кој потврдува дека трудот е негово авторско дело;
- За избор на “Сувенир на Општина Куманово”, од страна на градоначалникот на Општина Куманово е формирана Комисија која ќе одлучува врз основа на горенаведените критериуми и резултатите ќе ги објави најдоцна во рок од 30 дена од завршувањето на постапката.
- Трудовите кои нема да ги содржат сите елементи од конкурсот, односно се некомплетни и ненавремено доставени нема да бидат предмет на разгледување.
- Комисијата го задржува правото да не ја додели наградата на ниту еден труд, доколку заклучи дека трудовите не ги задоволуваат критериумите.
- Доколку на конкурсот не се пријави ниту еден кандидат, конкурсот се смета за поништен и постапката за избор на сувенир на општина Куманово ќе се повтори.
За дополнителни информации заинтересираните можат да се обратат на телефон 070/613-000 или 070/541-535 , секој работен ден од 08:00 – 16:00 часот или во просториите на Општина Куманово на ул. „Братство и Единство„ бр.20 (зграда на поранешен Козјак) прв кат, канцеларија бр. 10 (Одделение за стратешко планирање и локален економски развој) .
Општина Куманово
Комисија за избор на сувенир на Општина Куманово