Градоначалникот Димитриевски на средба со Амбасадорот Герберих
Амбасадорот на Сојузна Република Германија во Република Северна Македонија Томас Герберих денеска е во својата прва посета на Куманово. Во рамки на посетата, амбасадорот ја посети локалната самоуправа каде што одржа работна средба со градоначалникот Максим Димитриевски.
На средбата се разговараше на повеќе теми како што се досегашната соработка и заедничките проекти, за развојот на мултиетничкото општество и функционирањето на општината како и останатите можности за соработка. Главна тема на работната средба беше економијата и потенцијалните инвестиции во индустриската зона Новини и Речица и интересот на претставниците на амбасадата за претставување на истата пред потенцијални инвеститори од Германија.
Амбасадорот Герберих го искажа своето воодушевување од мултиетничкиот соживот и култура во Куманово, потенцирајќи дека втората по големина општина во Република Северна Македонија, треба да биде пример за останатите општини. Најважната точка од разговорот за амбасадорот Герберих е напорот кој треба да се вложи во иднина, за да се спречи иселувањето на млади лица од државата, искористувајќи ги можностите што ги нуди развојот на економијата.