Skip to content Skip to main navigation Skip to footer

Максим Димитриевски: Набавивме 12 возила за јавните претпријатија, Куманово помеѓу најдобро класифицираните општини со опрема и современа механизација

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски денеска изврши увид во возилата, опрема и механизација за јавните претпријатија обезбедена преку Вториот проект за подобрување на општинските услуги (MSIP2), се со цел подобрување на условите за работа и проширување на услужните капацитети на претпријатијата.

MSIP2 проектот се реализира со проектната единица при Министерството за финансии преку потпишување на Договор за под-заем со Министерството и финансиска поддршка обезбедена од кредитната линија на Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка. Целата флота предвидена за модернизација на јавните претпријатија брои вкупно 12 возила и е во вредност од 62,8 милиони денари, додека вкупниот под-заем е со износ од 63,7 милиони денари.

Во изјава за медиумите, Димитриевски информираше дека на овој проект аплицирале пред три години, а имало и јавна дебата на седници на Советот.

„Дополнително, покрај овие средства добиваме и грант средства во износ од околу 20% за коишто исто така ќе биде дополнително набавена опрема за јавните претпријатија. Со сите овие возила денеска кои ги гледаме овде капацитетноста на јавните претпријатија ќе биде зголемена на многу високо ниво или општина Куманово ќе има едни од најдобрите опреми и ќе биде помеѓу најдобро класифицираните општини со ваков тип на опремување, со современа механизација, камиони за зимско одржување на градот што дополнително ќе се користат во летниот временски период за чистење на речни корита, диви депонии во градот, понатаму дополнително трактори, три ровокопачи машини, дополнителна опрема и механизација за јавното претпријатие „Куманово Гас“. На овие три јавни претпријатија им посакувам успех во наредниот период, а во оваа прилика сакам да се заблагодарам првенствено на општинскиот тим кој работеше на реализација на овој проект, во соработка со претставници од јавните претпријатија и секако на Светска банка која е кредитор и донатор за грант средства и се надевам прописно ќе бидат користени. Апел до оние што ќе ги користат и управуваат со нив да се грижат како за сопствен имот бидејќи се работи за најсовремен тип на возила што за првпат се ставаат во употреба на јавните претпријатија“, потенцираше Димитриевски.

Во однос на опремата, обезбедени се 3 комбинирани ровокопачи натоварувачи за ЈП Куманово Гас, ЈП Водовод и ЈП Чистота и зеленило, 3 камиони за зимско одржување на улици со зимска опрема, 1 трактор со приколка, 1 автодигалка и 1 камион за смет наменети за ЈП Чистота и зелениоло, Автомобил и Камионет за потребите на ЈП Куманово Гас и Пајак возило за ЈП Куманово Паркинг.

Со набавка на новата опрема, Општината ќе ги ангажира Јавните претпријатија за вршење нови услуги за кои досега се ангажирале приватни компании и со тоа да заштеди средства, со кои ќе го враќа кредитот и ќе ја подобри финсиската состојба во четирите претпријатија, ќе се подобрат условите за работа во претпријатијата и нивото на услуга со што бенефит ќе имаат сите граѓани на општина Куманово.

За споредба последен пат во ЈП Водовод Куманово се набавени машини од овој вид во 2003 година, односно пред скоро 20 години.


Изјава

Врати се на врвот
Големина на фонт
Боја на контраст