Презентирани можностите за инвестирање, начин и постапка за стекнување со имот за инвестиција во новата индустриска зона Новини и Речица во општина Куманово
Денеска во кружната сала на зградата на поранешните општествено-политички организации се одржа презентација на можностите за инвестирање, начин и постапка за стекнување со имот за инвестиција во новата индустриска зона Новини и Речица во општина Куманово. Домаќин на настанот беше Градоначалникот на општина Куманово Димитриевски заедно со Секретарот на општината и претставници од Секторот за урбанизам. На настанот присуствуваа претседателот на Сојуз на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска, претседатели на трговска, индустриска, туристичко-угостителска и услужна комора, како и претставници на бизнис заедницата. Во рамките на плановите за развој на економијата и стопанството на територијата на општина Куманово и Североисточниот плански регион, беше истакната напредната фаза на инвестиција на новата индустриска развојна зона, лоцирана северно од градот кон границата со Република Србија, на автопатот Е 75, Белград-Атина, простирајќи се на површина од 65 хектари градежно земјиште, со намена Г2 (лесна и незагадувачка индустрија) и намена Б (големи трговски единици-шопинг молови и хотели). Како еден од капиталните проекти на општина Куманово со Владата на Република Северна Македонија, се очекува оваа најголема индустриска зона во општината да привлече голем број фирми, преку развивање на големи трговски единици, од причина што стопанството е една од најзначајните гранки за развивање и просперитет на нашите граѓани.