Пуштена во употреба новата монтажна катна гаража
Денеска официјално беше пуштена во употреба новата монтажна катна гаража во центарот на градот. На отворањето, пред присутните се обрати градоначалникот Максим Димитриевски кој истакна дека ова е само дел од мерките кои се превземаат за расчистување на сообраќајниот метеж. Во изминатиот период како мерка за зголемување на безбедноста на пешаците и велосипедистите беа поставени околу 2500 столбчиња за разделување на пешачкиот и велосипедскиот од моторниот сообраќај на булеварот „Октомвриска Револуција“, а како што напомена градоначалникот Димитриевски, истиот проект е предвидено да се реализира и на булеварот „Трета Македонска Ударна Бригада“. На настанот присуствуваа претседателот на Советот на Општина Куманово Атина Мургашанска, претставници од Секторот за превенција при СВР Куманово, претставници на Советот на Општина Куманово и општинската администрација, директори на јавни претпријатија и установи и граѓани.
Монтажното паркиралиште е со капацитет од 80 места за паркирање, а вкупната вредност на истата изнесува 272 189 евра или 16 685 200 денари. Во склоп на монтажното паркиралиште како донација од главниот конструктор поставен е и јавен тоалет. Со одлука на Советот во наредниот период, паркиралиштето ќе биде предадено на стопанисување на ЈП „Куманово Паркинг“.