Седница на Влада денеска во Куманово
Владата на Република Северна Македонија својата редовна 171 седница денеска ќе ја одржи во Занаетчискиот дом во Куманово со почеток во 19.00 часот, со повеќе точки на дневен ред од својата програма за работа и од интерес на граѓаните.
Во првиот дел на седницата Владата ќе ја разгледа информацијата за состојбите и извршените посети во текот на денот во општините Куманово, Крива Паланка, Кратово, Липково, Ранковце и Старо Нагоричане.За активностите на Владата во овие општини како и за приоритетите од заедничката соработка со локалните самоуправи на овие општини ќе бидат донесени одредени заклучоци од дискусијата со градоначалниците на овие општини.Потоа министрите во Владата ќе ја разгледаат и информацијата за изготвување „Регистар на програми” во рамки на програмата „Фонд за млади умови”, што ќе ја презентира Фонд за иновации и технолошки развој.На оваа владина седница се очекува да биде разгледана и прифатена Предлог – одлуката за давање согласност за потврдување на Спогодбата за присоединување помеѓу Јавното претпријатие Колекторски систем Скопје и МЈП ПРОАКВА Струга (РЕ Колектор Струга).На предлог на Општина Крушево, Владата на седницата ќе го разгледа и ќе донесе одлука за барање за финансирање на проект „Изградба на дел од инфраструктура во центар за параглаjдинг во Крушево”.На предлог на заменик претседателот на Влада на РСМ задолжен за економски прашања на оваа седница ќе бидат разгледани информацијата за проблемите и потребите на техничките факултети од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, како и информацијата за текот на проектот дуално образование.На дневниот ред за оваа седница е и информацијата за напредокот на проектот „Реконструкција на казнено-поправните установи во Република Северна Македонија”.Агенцијата за млади и спорт за оваа седница ја подготви информацијата во врска со преземените активности за изработка на Акциски план за 2020 година за спроведување на Националната стратегија за млади (2016-2025).
Во текот на денот, на седницата ќе ѝ претходат повеќе теренски активности.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов, ќе извршат увид во работите на рехабилитацијата на регионален пат Куманово – Св. Николе, по што ќе следуваат изјави за медиумите. Настанот е предвидено да се одржи во 11:30 часот на околу 500м од Затворот во Куманово. Министерот за здравство Венко Филипче во 13:00 часот ќе ја посети општата болница во Куманово, по што ќе следуваат и изјави за медиумите.Во рамки на теренските настани, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, ќе ја посети компанијата за месна индустрија Никси, како еден од корисниците на ИПАРД програмата. Посетата е во 14:15 после која се предвидени и изјави за медиумите.Во 15:00, во Здружението на пензионери, министерот Венко Филипче ќе се сретне со пензионерите од Куманово и регионот, после што се предвидени и изјави за медиумите.Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, во 17:00 ќе се сретне со корисници на социјална пензија од Куманово и регионот. Средбата ќе се одржи во салата за состаноци на Советот на Општина Куманово, после која се предвидени и изјави за медиумите.
Со оваа трета седница во низата што во наредниот период ќе се одржуваат во различни региони во државата, ќе претседава Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, и на неа ќе присуствуваат сите министри во владата, а како гости ќе учествуваат и градоначалниците од регионот.