Skip to content Skip to main navigation Skip to footer

Демант: Вработените во општина Куманово не се преместени на пониски работни позиции, нема деградирања, притисоци и закани кон никого

Почитувани,

Целосно ги демантираме и отфрламе обвинувањата кои денеска на прес-конференција ги изнесе претседателот на СДСМ Куманово Мартин Костовски за наводно спроведен класичен политички реваншизам во Општина Куманово спрема вработените кои се членови на СДСМ преку уцени, заплашувања, закани, притисоци и деградирања.

Не е точна изнесената информација дека во Општина Куманово се преместени дваесетина службеници на пониски работни позиции, или како е кажано – деградирани, а уште помалку дека некој на вработените им вршел притисок.

Не се точни ниту тврдењата во однос на бројот на доставени решенија. Станува збор за девет решенија, а овој процес на реорганизација на општинската администрација што е целосно согласно законот, која ќе продолжи и во иднина, сѐ со цел максимално да се подобри работата на институцијата, која претставува сервис на граѓаните.

Ги повикуваме сите службеници доколку некој им вршел партиски или каков било друг вид на притисок, веднаш да го пријават до државните органи.

Доставените неколку решенија од страна на Градоначалникот, се резултат на тековно функционирање на институцијата и целосно почитување на заклучоците на ревизорскиот извештај од страна на Државниот завод за ревизија (ДЗР), во кој јасно е укажано дека е потребно да се повлечат Овластувањата дадени на лица, кои што работат на други работни места, а не согласно Решенијата кои ги имаат добиено за работа, врз основа на актот за систематизација.

Тековното работење е во правец на подобрување на самата организација и работат на општинската администрација, што во изминатиот период се покажа како нужно.

Ниту еден административен службеник не е деградиран, туку напротив, се прави прераспределба по хоризонтала, што е целосно согласно Законот за административните службеници, а е со цел да се реализираат дури и спроведените унапредувања на службеници, а не уназадувања.

Унапредувањето на службениците се врши по строго регулирана законска постапка во која сами службеници конкурираат за тие работни места.  Со доставените решенија се поставуваат вработените во организациони единици каде претходно е констатирано дека има потреба од стручен и соодветен кадар и напротив, изнесените шпекулации и невистини, на вработените им е укажана и дополнителна доверба, дека ќе го подобрат функционирањето на администрцијата токму во тие сектори во кои се назначени.

Уште еднаш сакаме да потенцираме дека нема вршено никаков ниту партиски, ниту каков било друг вид на притисок над вработените. Целосно ги отфрламе и деманираме, лажните изјави кои се пласираат во јавноста во однос на делувањата во општината и реализација на кадровската политика.

Врати се на врвот
Големина на фонт
Боја на контраст