Skip to content Skip to main navigation Skip to footer

Градоначалникот Димитриевски на средба со претставници на СОНК

Денеска градоначалникот на општина Куманово оствари средба со претставници на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), откако вработените од ЈОУДГ “Ангел Шајче” – Куманово веќе втор ден протестираат. Средбата е иницирана по повод настанатата ситуација и решавање на проблемот со исплата на јунската плата на вработените во оваа установа. Градоначалникот се обрати пред Општината, каде што се одржа протестот и образложи дека проблемот е надминат со тоа што платата ќе биде исплатена најдоцна до четврток.

“Во делот на исплата на плати, сакам да ве информирам сите дека платата се исплаќа од блок дотации, коишто се трансферираат од Министерство за финансии на наменска сметка на општина Куманово и по трансферирање на тие средства на наменска сметка, ние само ги преусмеруваме врз барање на вашиот овластен претставник, во овој случај директор кон вашата институција.

Проблемот што е настанат со платата, за којшто искрено жалам, е поради тоа што во институцијата поради итни и неодложни работи се вработени 7 лица, за коишто вашиот претпоставен раководител нема претходно обезбедена потврда или согласност за обезбедени финансиски средства, а има склучено Договори за работа. Денеска на своја одговорност ја потпишав платата за вас, сите кои сте во редовен работен однос и истата ќе ви биде исплатена. А што се однесува за 7- те спорни лица, ќе пуштам барање до надлежен државен инспекторат да направи увид и да поведе постапка против лице коешто не постапило согласно закон.

Така што ваше право е да протестирате, јас како градоначалник сум задоволен од условите, коишто вие како јавна институција ги давате кон граѓаните и кон децата – кон штитениците, но мора една работа да ви напоменам дека кападакиско однесување на ниту еден директор во јавна институција или јавно претпријатие, нема да се почитува од моја страна.

Знаете дека во минатото кога се вршеше избор на раководни тела и органи на вашата институција, во два наврати на мене ми беа одземани ингеренциите за поставување на директор во јавна институција. Резултатот на таквото кападакиско и неодговорно однесување е денеска. Јас ова како градоначалник ќе го спречам во соработка со повисоки инстанци во власта, а верувам дека веќе утре  или најдоцна задутре на вашите сметки вие ќе си го добиете тоа што ви следува согласно закон.

Благодарам на сите.”

 

Врати се на врвот
Големина на фонт
Боја на контраст