“Природата – нашата омилена училница” – инклузивен настан
На локалитетот Спомен костурница во Куманово, денеска беше организиран инклузивен настан во природа, по иницијатива на образовните асистенти, вработени во основното училиште со ресурсен центар “Иднина” – Скопје, распоредени во општинските основни училишта на територијата на Куманово.
Учествуваа околу 100 деца (деца со посебни потреби и деца со типичен развој), образовни асистенти, наставници, стручни соработници од училиштата, родители и старатели.
Децата низ песна и игра се дружеа со професионални инструктори, преку креативни ликовни и физички активности.
Настанот со музички точки го збогатија членовите на училишната музичка група од Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид ,,Димитар Влахов” – Скопје.
Главна цел на настанот е поддршка на инклузијата на деца со атипичен развој од Општина Куманово, поттикнување на врсничката комуникација, зголемено учество во воннаставни и outdoor активности.
Присутните беа поздравени од претседателката на Советот на Општината, Ивана Ѓорѓиевска.