Штафетната “Трка на мир” во Куманово
Интернационалниот тим на “Трка на мирот” преку Здружението за миротворни цели “Шри Чинмој Единство – Дом Трка за мир” – Скопје и оваа година пристигна во Македонија.
Основана од Шри Чинмој во 1987 година, “Трката на мир” е прва активност за спорт и развој, како најдолга и најголема штафетна трка за мир на човештвото. Глобалната штафета со факел посети преку 150 нации и територии. На Европскиот континент “Трката на мир” се одржува на секои две години, посетува 49 земји со изминати 24.000 км, со цел да создаде добра волја меѓу луѓето, без разлика на различностите.
Во Куманово штафетата ја дочекаа ученици од општински основни училишта, кои носеа пораки за мир на македонски, албански и српски јазик. Примопредавањето на факелот од рака на рака се изврши по станици на однапред утврдена патека на движење на учениците.
На градскиот плоштад ги пречека градоначалникот на општина Куманово Димитриевски, а претставници на Здружението за миротворни цели ја презентираа целта на трката. За пригодната културно-уметничка програма беше задолжен хорот при УОМО „Панче Пешев“- Куманово.