Skip to content Skip to main navigation Skip to footer

СООПШТЕНИЕ ДО ЈАВНОСТА ВО ВРСКА СО ОПШТИНСКИ ЛИНИСКИ ПРЕВОЗ НА ПАТНИЦИ

Општина Куманово сака да ја информира јавноста во врска со процесот и постапката која што ја спроведе за избор на даватели на јавна услуга за општински линиски превоз на патници, дека договорот со кој што беше уреден јавниот линиски превоз е склучен во 2016 година, а истечен на 31.12.2021 година.

Веднаш по утврдување на дополнителен број на нови линии со одлука на Советот во ноември 2021 година, а по претходно барање на граѓаните за воведување на истите е распишан јавен оглас за избор на најповолни понудувачи на вршители на оваа јавна услуга. Основен критериум во јавниот оглас е компаниите изведувачи на јавната услуга минимално да поседуваат еколошки возила кои ги задоволуваат ЕУРО 4 стандардите, а дополнителните критериуми се бројот на поаѓања и враќања на поединечна линија на вкупно 26 линии кои што го покриваат јавниот превоз на територија на цела Општина Куманово.

Формирана е 7 члена комисија во рамки на Општина Куманово за спроведување на јавниот оглас и целата постапка, јавното отварање на понудите е спроведено во пристуство на компаниите понудувачи и тоа: ДСТУ ЈОЦО – ТУРС МС ДОО Куманово, ДППТ ШТУЗ – ПАТНИЧКИ ДООЕЛ Куманово, ДПТТУ ДЕЛУКС ТУРС ДОО Куманово, ДППУ ДАРО КОМПАНИ ДООЕЛ Куманово, ДППТУ ОЛИ – ТРАВЕЛ ДООЕЛ Куманово, ДТУТУ АЛЕКС ТУРС ДООЕЛ и ДППТУ Н&М – ТРАВЕЛ ДООЕЛ Куманово, а понудувачите доставија понуди за вкупно 21 линија од вкупно 26 линии.

Веднаш е извршена евалуација на понудите и се изберени понудувачи за вкупно 19 линии, за 2 линии немаше доставено комплетна документација од страна на понудувачите, а за 5 линии не беше поднесена ниту една понуда. По донесените решенија од страна на Градоначалникот за избор на понудувачите на 4 лини беа поднесени жалби од страна на 3 понудувачи до второстепена комисија. Второстепената комисија ги уважи жалбите и постапката ја врати на повторно разгледување за повторно утврдување на фактичката состојба.

Согласно овој оглас издадени се решенија и лиценци за вршење на дејност и давање на услуга на јавен превоз за вкупно 15 линии коишто се на сила и компаниите носители на лиценци и решенијата се должни да даваат јавна услуга и имаат обврска да ги почитуваат одредбите на јавниот оглас и договорите кои ги имаат склучено со Општината, првенствено почитувајќи го возниот ред кој што самите го имаат понудено на јавниот оглас и запазувајчи ги квалитетот и стандардите на возилата со кои што го вршат јавниот превоз.

Останатите линии за кои што никој не се јави на претходниот оглас, беа повторно огласени во нова постапка, при што ниту една компанија не се јави на повторниот јавен оглас.

Општина Куманово има обврска да го уреди јавниот градски превоз водејќи се првенствено од интересот на граѓаните со цел да добијат поквалитетна и поредовна услуга, при што беше донесена нова одлука на Советот на Општина Куманово со која се направија нови пакети на линии, најголем дел од нив беа групирани и во следниот период согласно законот повторно ќе бидат објавени на јавен оглас и за истите ќе следи целосно нова постапка.

Општина Куманово при предлагањето на ваква одлука се водеше и од препораката на Владата на РСМ донесена во пакетот мерки за заштита на животниот стандард на 24-та седница одржана на 09.03.2022 година, со која се препорачува на општините да го реорганизираат јавниот превоз за да биде достапен во корист на сите граѓани.

Во однос на превозот на ученици во Општина Куманово, на сите 15 линии, согласно договори компаниите кои што вршат јавен превоз имаат обврска да ги превезуваат учениците кои што поименично ги имаат добиено од страна на училиштата. На останатите линии за коишто нема сеуште изберено даватели на услуги на јавен превоз по јавниот оглас, училиштата согласно закон се должни и имаат спроведено постапки за превоз на ученици при што директно склучуваат договор како правен субејкт со тие даватели на услуги.

Во следниот период Општина Куманово ќе спроведе дополнителна контрола за начинот, регуларноста и условите на вршење на оваа услуга за превоз на ученици. Доколку постојат проблеми со превозот на ученици на овие училишта, ги информираме родителите да го пријават тоа до Секторот за образование и Секторот за инспекциски надзор при Општина Куманово на телефон 031 422 641 локал 106, секој ден од понеделник до петок од 8:30 до 15:00 часот.

На ден 14.03.2022 и 15.03.2022 година од страна на инспекторите за сообраќај при Општина Куманово е извршен редовен инспекциски надзор на сите линии за кои што Општина Куманово има склучено договори со даватели на услуги. Со оваа инспекциска контрола се утврдени голем број на неправилности и нерегуларности т.е. компаниите даватели на услугите не го почитуваат договорот кој што е склучен со Општината, а со тоа и не обезбедуваат соодветна услуга на крајните корисници – граѓаните на Општина Куманово, за што е во тек постапка од страна на надлежниот инспекторат и за чии исход ќе бидат дополнително информирани и превозниците и јавноста.

Свесни сме дека Општина Куманово со години се соочува со голем број на проблеми и пропусти во јавниот превоз, а со цел да ги отстрани и елиминира сите неправилности ќе работи исклучиво согласно законот и ќе инсистира давателите на овие јавни услуги во целост да се придржуваат до договорите кои што ќе ги склучат и вооедно ќе продолжи со спроведување на постапка за избор на компании даватели на јавни услуги со цел да обезбеди јавен превоз на сите линии, согласно одлуката на Советот на Оптшина Куманово која што е на сила.

Жалиме што при извршување на нашите надлежности, а поради недоволно ниво на професионалност од страна на одредени компании, кои што се занимаваат со оваа дејност – превоз на патници, граѓаните на одреден линии се соочуваат со потешкотии и секојдневни проблеми во делот на користење на јавниот превоз. Затоа веднаш по целосниот избор и завршување на постапката Градоначалникот ќе излезе со предлог до Советот овие загуби од домашните буџети на семејствата кои што се засегнати од имплементација на ваквата законска постапка да бидат директно субвенционирани и стимулирани со дополнителни олеснувања во делот на користење на овие јавни услуги, по примерот на пензионерите, а во иднина и студентите.

Обвинувањата од страна на поедини компании превозници во градот, кои што веќе имаат склучено договори со Општината за вршење на дејност, а за жал по констатираниот инспекциски надзор не се придржуваат кон договорите, се неосновани и ги отфрламе во целост бидејќи сметаме дека имаат за цел повторно монополизирање на јавниот превоз од страна на неколку компании во градот и континуирано непочитување на договорите, прилагодување на возните редови и квалитетот на возилата по нивно лично убедување за сметка на реалните потреби на граѓаните.

Протест како најавен облик е уставно загарантирано право и Општината нема да го коментира, а што се однесува до конкретни барања од страна на овие незадоволни компании, ние ги немаме добиено во писмена форма освен што ги следиме информациите кои што излегуваат на поедини портали.

Градоначалникот и Советот на Општина Куманово како избрани органи на локална самоуправа од страна на граѓаните имаат законска обврска да обезбедат најсоодветна и квалитетна јавна услуга на граѓаните. Цврсто сме решени да го спроведеме законот во целост, притоа не фаворизирајќи ниту една компанија или поединец, приоритетно водејќи се од интересите на граѓаните и нивните потреби. Сите тие кои што го попречуваат вршењето на јавната услуга ќе бидат соодветно санкционирани во рамки на нашите законски овластувања.

Очекуваме дека поедини стари навики на одредени компании и лица ќе се искоренат и конечно дел од давателите на овие услуги ќе разберат дека при давање на јавната услуга не треба да се водиме само од финансиски бенефит туку првенствено од општиот јавен интерес на сите граѓани и целокупната јавност.

Врати се на врвот
WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Големина на фонт
Боја на контраст