Доделени признанија на првенците на генерација од основни и средни училишта во Општините Куманово и Старо Нагоричане за учебната 2021/2022 година
Денеска во чест на 24 Мај- Ден на словенските просветители Кирил и Методиј, беа доделени награди и признанија на најдобрите ученици- првенци на генерација од основните и средните училишта во Општина Куманово и Општина Старо Нагоричане за учебната 2021/2022 година. Оваа културна иницијатива, која ја реализираат Здружението на просветни работници-Куманово и Општина Куманово преку Секторот за образование, потекнува од огромното значење на делото на Светите браќа, кои се најзаслужни за културниот развој на словенските народи. Од името на Здружението на просветни работници-Куманово во Занаетчиски дом беа доделени благодарници и признанија на најдобрите ученици, како поттик да продолжат да го унапредуваат своето знаење и образование.
По иницијатива на градоначалникот и Советот на Општина Куманово, во просториите на Општината, на најдобрите претставници на уште една успешна генерација, кои го понесоа епитетот првенец, им беа доделени и монети со позлата и ваучери, со цел да продолжат да ја креираат иднината, која им припаѓа на оние кои веруваат во себе и во своите соништа. Наградите ги доделија секретарот на Општина Куманово, претседателката и членови на Совет на Општината.