Димитриевски на Самит на Б40 мрежа на градови од Балканскиот регион во Атина
Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски од вчера е во работна посета на Атина, Република Грција кадешто учествува на дводневниот Самит за градоначалници „B40“ наменет за интензивирање на регионалната соработка на балканскиот регион.
Во своето обраќање, Димитриевски се заблагодари на градоначалниците Бакојанис и Имамоглу за тоа што работат во духот на Ататурк и истакна дека времето ги создава и ги раѓа големите лидери, верувајќи дека од самитот ќе се изроди некој таков што ќе го придвижи суштински регионот напред, ќе гледа на иднината, но ќе го почитува минатото.
Димитриевски најави дека ќе ја прифатат иницијативата за членување на Куманово во „Б40“.
„И како што рековте почитуван Бакојанис така ни дефинирал и Черчил, дека имаме и премногу историја којашто не можеме да ја консумираме, но за жал нашите предци ја создавале таа историја која е автентична за секој од нас и за секоја наша држава. Верувам дека Балканот има капацитет да се сплоти и спои, бидејќи има и што да даде, особено да и даде на таа Европа каде сите ние посакуваме да бидеме. Ние на Балканот имаме разбирање, многу важно имаме емоција, имаме чувство еден за друг, пријателски односи без разлика колку не се разбираме на маса да си помогнеме во најтешките моменти, а всушност тоа го влече и нашата заедничка балканска етногенеза. Но, притоа мора да се почитуваме, како што всушност ние денеска овде во срцето на светската демократија во Атина го правиме, јас говорам на македонски мајчин јазик, вие се обраќате на своите јазици, а всушност толку многу се разбираме“, рече Димитриевски..
Тој посочи дека Балканот преживеал многу космополитски лидери, којшто својот космополитизам знаеле да го покажат на дело, но првенствено секогаш била тенка линијата помеѓу космополитизмот, етношовинизмот, национализмот, деструкцијата.
„Сметам дека таквите времиња треба да се остават зад нас, а ние токму од локалните власти да им покажеме на големите политичари од централните власти како всушност се работи и се размислува за своите граѓани, за своите држави и за балканскиот регион“, додаде Димитриевски.