Инвестирајте во иднината – зајакнете ги младите сега! – панел дискусија во организација на ЦИД
Панел дискусија на теми поврзани со младински активизам, младинско учество и стратегија за млади (моменталната ситуација, предизвици и идни чекори), се одржа денеска во Занаетчиски дом – Куманово, во организација на Центар за интеркултурен дијалог – ЦИД.
На настанот учествуваа претставници од Регионалните младински канцеларии за соработка – RYCO за Западен Балкан, од ОБСЕ Мисијата во Скопје и претставник од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.
Пред присутните се обрати градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, кој ја потенцираше отворената соработка со младите и реализација на нивните идеи и проекти, кои се во надлежност на општината.
Градоначалникот ги нагласи функцијата и улогата на службеното лице и Канцеларијата за млади, предвидените средства во Буџетот за реализација на младинските проекти и притоа истакна дека во најскоро време ќе се формира Локален младински совет, кој е предвиден во законски рамки.