“Крени глас против врсничко насилство” – едукативна кампања
По неодамна потпишаниот Меморандум за соработка, помеѓу Општината и компанијата Макпетрол, денеска во Куманово започна општествено одговорна кампања – “Крени глас против врсничко насилство”, со која се опфатени 16 општински основни училишта.
На првата работилница, која ќе трае во неколку етапи, (01 – 06 март), активно учествуваа ученици, наставници и стручни служби при училиштата.
Презентацијата ја водеа психолози, кои разработија неколку теми од оваа проблематика, која негативно се одразува врз образовниот процес, достигнувајќи алармантни размери.
Подготвени се и прирачници за препознавање, пријавување и решавање на проблемот со булинг.
Кампањата има за цел да ја подигне свеста на сите општествени чинители на повисоко ниво, да ги едуцира учениците, родителите и наставниците, со што навремено би се реагирало и спречило врсничкото насилство, кое може да биде физичко, вербално, односно психичко, социјално и сајбер – насилство.
На настанот присуствуваше раководителот на Сектор за образование при Општина Куманово, Александар Јовановиќ.