“Кумановски ликовни уметници 2023”- традиционална изложба по повод Ден на градот
Вечерва, во салонот на уметничката галерија при НУ Музеј – Куманово, градоначалникот на Општината, Максим Димитриевски, ја отвори групната годишна изложба на кумановските ликовни уметници.
Покровители на изложбената поставка се Министерството за култура на РС Македонија, Градоначалникот и Советот на Општина Куманово.
На шеесет и седмото издание, се претставија 20 академски уметници од повеќе генерации, на слободна тема.
Изложените дела се во повеќе ликовни техники, со просторни инсталации и варијација на авторскиот израз, кој се движи од традиционална до модерна уметничка експресија.
На свеченото отворање присуствуваа претседателката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска, секретарот Александар Гелевски и претставници од општинската администрација.