Седмо државно првенство во атлетика за основни и средни училишта
Денеска на атлетската патека во ОСТУ “Наце Буѓони”– Куманово се одржува 7-то државно првенство во атлетика за средни и основни училишта. Првенството традиционално го организира Федерацијата на училишен спорт на Македонија преку Општински сојуз на училишен спорт и Атлетски клуб Куманово. Учествуваат околу 450 ученици од над 20 основни и 16 средни училишта, од 8 градови во државава. Првенството го отвори Александар Јовановиќ, раководител на Сектор за образование при општина Куманово,кој истакна дека спортските активности претставуваат стекнување на вештини и навики, кои водат кон подобрување на здравствената состојба и развој на физичката кондиција како потреба за здрав живот.
Градоначалникот Димитриевски на средбата со организаторите на државното првенство потенцираше дека општина Куманово ќе продолжи да инвестира во развој на училишниот спорт, кој ќе ги задоволи интересите и потребите за спортување. Целта е постигнување на ефекти врз севкупниот статус кај учениците, кои ќе можат да ги покажат спортските капацитети во системот на натпреварување во училишниот спорт.