Австриска делегација во посета на Општина Куманово
Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, денеска имаше работна средба со делегација од Австрија, предводена од амбасадорот на Австрија во РСМ, Н.Е. Мартин Памер. На работниот состанок присуствуваа секретарот Александар Гелевски, претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска, раководителот на Одделението за стратешко планирање, креирање политики, следење и ЛЕР, Донка Петровска и претставници од противпожарната бригада на покраината Тирол, Петер Логер, раководител на делегацијата и проект менаџер на Програмата за поддршка на тиролската противпожарна бригада и Јоханес Пап, заменик командант и експерт од оваа област.
Во пријателски разговор, беше нагласена успешно воспоставената комуникација и соработка со претставниците од Австрија, која резултираше со проектни активности од витално значење за граѓаните на Куманово, а се очекува и реализација на нови планови и достигнувања во блиска иднина. Посетата на Општина Куманово, австриската делегација ја искористи за работен состанок со командирот на ТППЕ – Куманово, Деан Илиевски, разгледување на објектот, опремата и условите за работа. Домаќините организираа и посета на НУ Музеј – Куманово, каде беа претставени сегменти од културно – историските вредности на Македонија.